„Со пласманот на ЕП преку квалификации на многумина им ги - затворивме устите!“

Македонската женска ракометна репрезентација со вечерашната убедлива победа на домашен терен против Литванија (34-24) само го потврди тоа што веќе беше познато, а тоа е дека ќе игра на Европското првенство кон крајот на годината во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Оваа и убедливата победа пред неколку дена на гости кај Азербејџан донесе насмевки на лицето на селекторот Кристијан Грчевски, кој по средбата го искажа своето видување на целиот циклус, но и на други работи околу националниот тим.

„После долго време обезбедивме ЕП преку квалификации и тоа ептен заслужено. Многу усти затворивме со овој пласман и оваа победа и би сакал во иднина да дојдат да не бодрат сите искрени навивачи. Секоја чест за девојките, полека се навикнувавме едни на други. Сега многу зависи од ждрепката на групи, а наша цел ќе бидеда поминеме ја поминеме првата фаза. Задоволен сум од играта вечерва, речиси 40 минути игравме со младинска постава, која е нашата иднина. Кај сите девојки гледам простор за напредок“, изјави Грчевски.

Македонија противничките на следниот континентален собир ќе ги дознае на ждрепката што ќе се одржи на 18 април.