
„Со Чешка да бегаме од најгустото и само агресивно против Здрахала“
КИРЕ ЈА РЕАЛИЗИРА, АМА ПОБЕДАТА Е НА МИТРЕВСКИ
На ваков тврд натпревар, со малку голови,15 одбрани се многу голем придонес. Така што, според мене и според многумина, Митревски беше број еден вчера. Победата е негова. Секако, никој не може да му ја одземе заслугата на Кире на крај, со постигнатиот гол кога беше најпотребно, но вкупниот впечаток е дека Митревски го носеше овој натпревар. Значи заклучок од вчера, среќа наша што го имавме Митревски – толку!
Во нападот, немавме комбинаторика, игравме многу еден на еден, најмногу што менуваме е два на два. Многу ни недостигаше класичен среден бек, организатор на игра. Не знам што се подготвуваше во тој дел во подготвителниот период, но верувам дека не го применија. Ми делуваа стихијно и премногу индивидуално. Двата бека постојано доаѓаа кон средина и Кире и левиот, без разлика дали Талески, Кузмановски, Танкоски. Крилата некако ги отсековме, значи немавме ширина во нападот, а и немавме квалитетна соработка со Столе и со Пешевски, како што тоа знаеме добро да го правиме.
ЈАС БИ ГО СТАВИЛ КИРЕ НАПРЕД ВО 5+1 ЗОНА
Во одбраната многу лесно ги губевме дуелите еден на еден. Тоа никако не смееме да си го дозволиме. Во зона 5+1, кога пет луѓе бранат простор од 20 метра, еден ако падне тогаш на тој до него му остануваат да брани осум метра и ако загуби дуел еден на еден тоа е погубно. Во онаа транзиција, кога Кире игра на подалечната страна, можеби Поповски ќе покрива подобро од Георгиевски на двојка. Лично јас би го оставил Кире напред, да игра преден играч во зоната 5+1, а не на единица. Тоа е мое мислење, затоа што така е најбрза и најбезболна измената, според мене, тој е најбилску до клупата.
Талески и Никола Маркоски, главно функионираа во ред, не би рекол дека имаше некој проблем меѓу нив, иако може уште да се воиграат. Добри беа како тим, но пак ќе речам, во индивидуалната игра еден на еден во одбрната губевме многу дуели. Тука не може да помогне ни голман ни никој. Сепак, за среќа тој нè држеше, одбрани феноменално за на крај Лазаров да реализира и да донесее победа.
Најважно во овој момент е што ги освоивме двата бода, зашто ако не беше така ќе беше погубно.
Според мене, Танкоски требаше да има поголема минутажа, зашто тој е спортски дрзок и можеше многу повеќе да помогне. Од она што го видов во прво полувреме, мислам дека добро си одработе. Не знам зошто во второ не доби повеќе шанса во второ. Значи главен проблем е што бековите претераа одејќи кон средина, а таму е најгусто. Треба да ја рашириме противничката одбрана, поготово Чесите утре.
МОРА АГРЕСИВНО ПРОТИВ СРЕДНИОТ БЕК НА ЧЕСИТЕ
Кај Чешка, обратно од вчера кај Украинците, најголемата опасност ќе доаѓа од средната бековска позиција. Здрахала и Бечвар се одлични, добро проигруваат и лево и десно и имаат добрасоработка со пикер. Оној што ќе игра напред во таа зона 5+1 во нашата одбрана мора да биде многу агресивен за да не им дозволи на средните бекови да се разиграат. Тие се многу подвижни. Зннам дека стручниот штаб ги анализирал и го гледа тоа. Второ дај Боже Николче Митревски повторно да има свој ден, бидејќи Чесите се поискусна репрезентација, ако не поквалитетна и ќе знаат да казнат, за разлика од Украинците.
Одбраната нивна знае да биде ранлива, но во никој случај да не се оди преку средина. Долколку ги нападнеме позициите 5 и 2 сигурен сум дека ќе се отвори простор за Столе и за Пешевски, за комбинаторика. Нон стоп треба да ги напаѓаме тие позиции, а не 3 и 4 во средина. Мора повеќе да ги користиме крилата, да имаме продолжена топка до нив. И да ги избегнуваме тие индивидуални надмудрувања. Ако на еден не му успее, па нема да додаде, па се забавува нападот, па ќе ни кренат рака за пасивен, па фаќа нервоза, па се губи топка... Се е тоа еден ланец. Да гледаме да го намалиме бројот на технички грешки што е можно повеќе.