Со Австрија ни треба победа, но може да ни заврши работа и нерешено?!

По две комплетни кола во групата Б од Европското ракометно првенство, работите се доволно заплеткани за да почнеме да правиме математики и да пресметуваме гол-разлика. Едно е јасно, за да биде сигурно, Македонија треба да победи Австрија за да си го расчисти патот кон во втората фаза.

Од Виена, Владко Арсов

Во моментов Австрија е прва со четири бода, Македонија и Чешка имаат по два, Украина е последна без бодови. (1) За да бидеме на чисто, без калкулации, за пласман во втората рунда потребна ни е чиста, комотна победа над Австрија.

Преведено во бројки тоа значи дека ни треба победа со два или со повеќе гола разлика. Разликата со Австрија ќе ни биде важна под претпоставка дека Чешка ја оправда фаворитската улога и ја добие Украина. Тогаш и ние и Чесите и Австријците ќе имаме по четири бода, па ќе се прави круг или мини-табела, на која ќе се сметаат само од дуелите на трите селекции. 

Македонија ќе се стреми кон победа со два или повеќе разлика, меѓутоа може да биде втора во групата и ако победи со еден разлика. (2) Во таа ситуација ќе треба мечот да биде ефикасен, односно да славиме најмалку со 32-31 или со повеќе постигнати голови.

(3) Ќе се спасиме од пресметки и претпоставки ако ја победиме Австрија со колку било, а Чешка не успее да слави над Украина. 

(4) За да се пласираме во втората рунда, теоретски може да ни заврши работа и нерешено, но тоа ќе биде случај само ако во вторник Украиннците ни помогнат и ја совладаат Чешка. На хартија изгледека тоа не е многу веројатен исход, но со оглед дека Украинците ја намачија и Австрија - вреди да се спомене.

Нивниот меѓусебен натпревар се игра во вториот термин, од 20.30, така што кога ние ќе го завршиме дуелот со Австријците, кој почнува во 18.15 часот, ќе трепериме до доцна во ноќта ако одиграме реми. Тоа е ситуација во која Австрија би завршила со 5 бода, Македонија со три, а Украина и Чешка со по два. Нашето нерешено нема да значи ништо ако и Чешка и Украина одиграат нерешено.