„Шест години Македонија има ист проблем зашто ракометот е - 'сељачки' спорт!“

Кире Лазаров имаше интервју за ракометниот портал „Балкан-хендбол“, зборувајќи за повеќе ракометни теми, а меѓу нив и најважната - македонската ракометна репрезентација. Зад нас е поразот од Грција, а ни претстои Светското првенство во Германија, па важно е како ќе се претставиме.

Според Кире Лазаров ќе имаме многу тешка задача на првенството, прво во нашата група, а потоа ако успееме да ја минеме уште потешка. За него успех е ако се пласираме меѓу првите три во Минхен, па потоа - колку што ќе можеме.

„Имаме доста силна група на СП. Да бидеме реални, за нас ќе биде успех ако ја поминеме и групата, а потоа ќе видиме понатаму. Дури и да ја поминеме ќе вкрстиме со Франција, Германија итн. така што ќе имаме тешка задача. Сепак, прво да ја поминеме групата во која е мотивираната Јапонија, која се подготвува за ОИ, потоа Бахреин за кој знам дека е незгоден, Исланд со нов тренер, а да не зборувам за Хрватска и за Шпанија. Имаме високи амбиции, но цврсто стоиме на земја и мислиме на иднината. Имаме доста адути, но знаеме дека имаме и недостатоци. Се надевам дека ќе бидеме комплетни, здрави и ако добро се подготвиме и ако се покаже шанса, зошто да не се бориме за први осум, сепак, прва цел е да ја поминеме групата“, го коментира Лазаров она што ни претстои.

Сепак, поголемо од прашањето за противниците, според него, е нашата игра и нашиот однос. Смета дека ни се случува истиот проблем, кој го имавме за време на олиписките квалификации во 2012 и за олимписките квалификации во 2016.

„Нам постојано ни се случуваат истата работа. Во 2012 одигравме одлично ЕП и потоа дојдоа квалификациите. Селектор тогаш ни беше Звонко Шундовски. По ЕП доби понуда и стана тренер на Констанца и македонската репрезентација дојде на второ место за него. Не велам дека поради тоа загубивме, но – загубивме. Потоа, се пласиравме во Катар во 2015, одигравме добро СП со Обрван, па нашиот селектор доби понуда од Шамбери, а ние загубивме на олимписки квалификации. Сега влегуваме во ист проблем. Раул ни стана селектор пред да стане европски првак со Вардар, одигравме екстра во првиот круг на ЕП во Хрватска, потоа дојде ПСЖ. Сега е прашање, дали нашиот селектор кој го сакаме, почитуваме и знаеме дека е еден од најдобрите, ако не и најдобар – која ќе му биде прва работа, Македонија или ПСЖ? Постојано ни се случува истото. Поентата ми беше нашиот спорт е сељачки, во наводници, во фудбалот тоа го нема. Ако водиш репрезентација, не можеш да постигнеш и да водиш и клуб. Се покажа и со Врањеш со Унгарија, со Душебаев со Полска, Пасквал со Романија... Исто се случуваше и со Лино со Хрватска, но со Гобац се договорија да ја остави Хрватска и тоа е добар потег. Да видиме што ќе се случи, нека јас згрешам, па ќе признаам“, заврши капитенот за оваа тема.

Во интервјуто тој потврди дека со продолжувањето на договорот со Нант до 2021 година, всушност се договорил и тогаш да ја заврши кариерата. Но исто така кажа и дека Македонија не треба да се грижи за својата иднина и откако тој ќе се повлече, бидејќи има добра база ракометари.