Вардар уште еднаш го победи Алкалоид и ја задржа надежта за титулата

Вардар го доби дербито со Алкалоид, црвено-црните во СЦ „Јане Сандански“ победија со 24-21 и на две кола до крајот го заверија второто место на табелата.

Вардар славеше нова победа над Алкалоид оваа сезона во домашното првенство, црвено-црните водеа во поголемиот дел од мечот и на крајот заслужено дојдоа до победата.

Алкалоид имаше солиден влез во мечот, неколкупати водеше со по два гола разлика, но Вардар го сврте резултатот и на полувремето успеа да отиде со предност од 12-11.

Во второто полувреме Алкалоид успеа двапати да дојде до нерешено, но не и да го сврти мечот во својата полза. На крајот Вардар победи со три гола разлика, 24-21 што беше и најголема предност на мечот.

Најдобар во составот на Вардар беше Јасихура со осум голови, за Алкалоид браќата Митеви реализираа по пет погодоци.

На две кола до крајот Вардар е на второто место со два бода зад Пелистер, а шест бода повеќе од третиот Алкалоид.