Катастрофа каква што НБА не памти: Денвер загуби со 45 разлика (ВИДЕО)

Екипата на Минесота Тимбервулфс израмни на 3-3 во полуфиналето на Западната конференција по неверојатниот шести натпревар во кој го победи актуелниот шампион во НБА со 115-70.

Со тоа, Денвер постави нов анти-рекорд во НБА лигата бидејќи досега не е забележано бранител на титулата во плејоф да загуби со толкава разлика. Највисоката до синоќа изнесуваше 36 поени и тоа било забележано во два случаја: Далас против Лејкерс во 2011 и Сан Антонио против Мајами во 2013 година. Нагетс одиграа добро само на отворањето на мечот кога водеше со 9-2, потоа следуваше серија од 27-2 на домашниот тим, во кој период Денвер беше без кош пет минути. На полувреме беше 59-40, а највисокото водство Минесота го достигна на околу четири минути пред крајот кога беше +50 (114-64).

Ништо не функционираше во тимот на Денвер, па дури ни Јокиќ и покрај тоа што постигна 22 поена и 9 скока. Џамал Мареј погоди 4/18 од игра, Портер имапе 3/9, Џексон 0/6, Холидеј 0/5, а целиот тим на Нагетс шутираше 30% од игра. Кај Минесота, а и воопшто на натпреварот најефикасен беше Едвардс со 27 поени, Мекдениелс додаде 21, а Рид и Таунс остварија дабл дабл.

„Мајсторката“ е на програмата в недела навечер на теренот на актуелниот шампион. Победникот ќе се пласира во конференциското финале, а дуелот сигурно ќе биде вистински спектакл, по сето она што се случуваше во текот на оваа серија.