Двојни аршини во фудбалот: Лазов шири обвинувања за ФФМ, а соработува со судија уапсен со кокаин?!
Фотографиите на кои се заедно Герасим Лазов и Слаѓан Маркоски отвораат прашања за нивната меѓусебна блискост, особено ако се земат предвид јавно објавените информации за полициските и правосудните постапки поврзани со поранешниот фудбалски арбитар.
Според информациите изнесени во јавноста, Маркоски во 2025 година бил затекнат со пет грама кокаин, по што против него била поднесена кривична пријава за кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. Претходно, во 2022 година, бил пријавен и за кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик.
Овие информации отвораат дополнителни прашања за политичките и личните релации на Лазов, кој во јавноста континуирано изнесува критики и обвинувања на сметка на ФФМ.
Интересен е и професионалниот пат на Маркоски во фудбалското судење. Неговата судиска кариера започнува во периодот кога Ангел Бунгуров ја извршувал функцијата прв човек на судиите во ФФМ, додека статусот меѓународен судија го добива за време на претседателскиот мандат на Муамед Сејдини.
По доаѓањето на Масар Омерагиќ на чело на ФФМ, Маркоски повеќе не се наоѓа на судиските листи на Федерацијата.
Особено контроверзен е контекстот во кој доаѓаат последните јавни обвинувања на Лазов. Додека тој пласира тврдења за наводен позитивен допинг-тест поврзан со недозволени супстанции, неговите контакти со лице за кое постојат јавно објавени информации за постапка поврзана со кокаин отвораат прашања за доследноста и кредибилитетот на неговите јавни настапи.
Секако, личните контакти и фотографиите сами по себе не претставуваат доказ за каква било поврзаност со незаконски активности. Но, јавноста има право да поставува прашања, особено кога станува збор за лица кои активно учествуваат во јавните полемики околу управувањето со македонскиот фудбал.
Затоа, наместо политички квалификации, инсинуации и обвинувања без јавно презентирани докази, потребни се конкретни факти.
Ако Герасим Лазов располага со докази за обвинувањата што ги упатува кон ФФМ, треба јавно да ги презентира. Но, истовремено, треба да одговори и на прашањата за своите блиски контакти со Слаѓан Маркоски.
Во јавниот живот не може да важат едни правила за едните, а други за другите. Кој бара одговорност од другите, мора да биде подготвен и самиот да одговара на прашања.