Алкалоид наострен за Европа - посакува победнички старт во обидот за втора евро-круна!
Македонскиот тим посакува со позитивен резултат да го отвори новиот меѓународен предизвик и да ја искористи предноста на домашниот терен пред реваншот. За избраниците на Кирил Лазаров ова претставува второ учество во ова натпреварување, каде пред две сезони испишаа историја освојувајќи го трофејот, со што станаа првиот македонски клуб со триумф во ова натпреварување.
На патот кон повторување на европскиот успех, тие ќе се соочат со противник кој пристигнува во Скопје во одлична натпреварувачка форма. По шест одиграни кола во австриското домашно првенство, Ферлах се наоѓа на второто место на табелата со биланс од три победи и три нерешени средби, задржувајќи го статусот на непоразен тим, што наметнува голема претпазливост во македонскиот табор.
Тренерот Лазаров е свесен за тежината на меѓународните пресметки и потенцира дека соочувањето со противници кои негуваат различен стил на игра е клучно за индивидуалниот развој и подигнувањето на тимската форма.
„Освојувањето на европската титула со домашен ростер, за млад клуб како Алкалоид, беше одлична работа. Се радуваме на новиот предизвик и ќе имаме максимален пристап на секој натпревар. Тоа ќе го барам и од играчите. Секогаш е задоволство да се игра во Европа, а меѓународните официјални натпревари на клупско ниво носат дополнителен квалитет на тимот и посебна мотивација. Нам ни се потребни меѓународни натпревари за подигнување на натпреварувачката форма. Минатата сезона ни недостасуваа токму ваков тип натпревари“, изјави Лазаров.
Говорејќи за квалитетите на австрискиот противник, стратегот на Алкалоид повика на максимален респект и борбеност во текот на целиот натпревар.
„Противникот доаѓа од држава чија национална селекција е во подем. Имаат искусни играчи со квалитетно минато. Добро се воиграни и имаат добар ракометен систем. Треба да имаме максимален респект кон Ферлах. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мораме да бидеме максимално фокусирани и дисциплинирани во сите 60 минути. Очекувам тврд натпревар со многу трчање и убави потези“, заклучи Лазаров.
Реваншот ќе се одигра следната сабота (24 октомври) на теренот на противникот од Австрија.