Арсенал ќе отпушти 60 работници, само неколку дена откако потпиша со Артета за 25 милиони фунти
Според информациите објавени од британските медиуми, вработените биле известени за планираните промени во средата, а известувањето го пренел извршниот директор Ричард Гарлик. Реструктурирањето главно ќе ги погоди работните места што не се директно поврзани со подготовката и настапите на теренот.
Меѓу одделите што, според извештаите, нема да бидат засегнати се стручните тимови на машкиот и женскиот прв тим, академијата, фондацијата на клубот, активностите во заедницата и безбедносните служби. Причината за кратењето на работните места е финансискиот притисок и потребата од подобра контрола на расходите. Арсенал бележи раст на оперативните трошоци, кои во финансиската година 2024/25 достигнале 201 милион фунти, во споредба со 148 милиони фунти во претходниот период. Клубот, истовремено, пријавил рекордни приходи од 691 милион фунти.
Дополнителна контроверза предизвикува новиот договор на Артета. Според британските медиуми, шпанскиот стратег се обврзал да остане на „Емирати“ до летото 2030 година, со годишна плата проценета на околу 25 милиони фунти. Тоа е значително повеќе од претходниот договор, а новите услови го вбројуваат меѓу најплатените тренери во светот. Финансискиот експерт Киран Мегваер ја критикуваше одлуката на клубот, посочувајќи дека планираните заштеди се мали во споредба со платите на фудбалерите од првиот тим. Според проценките пренесени во британските медиуми, укинувањето на работните места би можело да му заштеди на Арсенал околу три милиони фунти годишно.