Ракометарите ѝ гостуваат на Литванија – со победа ќе направат голем исчекор кон ЕП 2026!
Ова е далеку посериозен ривал за избраниците на селекторот Кирил Лазаров, имајќи предвид дека во претходните три дуели со овој противник имаат едно реми и два пораза. Еден од тие мечеви носи голема болка – тој во 2011 година во Адана, кога Македонија ремизираше со Литванија, која, пак, благодарение на повисоката победа над Турција го обезбеди првото место во групата и дојде до пласман на Светското првенство.
„Од тоа што го имам гледано, Литванија е поквалитетна репрезентација од Естонија. Традицијата вели дека немаме победа против неа, затоа мора да се подготвиме добро и да одиме на триумф“, оптимист е Лазаров.
Литванија има две учества на континенталните собири - во 1998 (деветто место) и во 2022 (21. место), како и еден настап на Светско првенство и тоа во 1997 година (10. место). Македонија, пак, има осум настапи на Европските првенства, со најдобар пласман – петтото место во 2012 година во Србија.
„Дуелот со Македонија може да биде клучен за нашиот пласман на Европското првенство, со победа сигурно би имале многу повеќе шанси. Секако и поддршката од навивачите на секој меч е дополнителна мотивација за нашите ракометари, затоа ги повикуваме да дојдат и да ја бодрат нашата репрезентацијата,“ изјави литванскиот селектор Гинтарас Савукас.
Во нашта квалификациска група, денеска силите ќе ги одмерат и Словенија и Естонија. Во квалификациите за ЕП 2026 учествуваат 32 репрезентации, а пласман обезбедуваат двете најдобри од секоја група и четири од третопласираните селекции.