Пешевски: Вечерва нема да биде како на СП, ќе биде - потешко!

Македонија има одиграно многу натпревари против Исланд и воопшто од своето осамостојување, а и на последниве неколку големи настани. Во последните две години одигравме четири меча и секој од нив беше различен. Македонските репрезентативци истото го очекуваат и за вечерашниот меч (21.45ч.).

На две Светски првенства и во два квалификациски меча во ЕП, Македонија еднаш го победи Исланд, двапати загуби, а еднаш одигра реми. Најсвежо е сеќавањето од поразот во групната фаза во Минхен, овој јануари, кога во пресметка „да се биде или не“ загубивме со 22-24. Нашиот пивот, Жарко Пешевски, смета дека ако тогаш ни беше тешко, вечерва ќе биде уште потешко пред нивната публика.

„Ќе биде еден тежок натпревар, сосема поинаков од тој на Светското првенство во јануари, тоа беше на неутрален терен. Овде играме на еден жежок гостински терен, во натпревар без скриени адути. Единствено ново е тоа што имаме нов селектор. Дојдовме со позитивни мисли, со ведри мисли, дојдовме да се бориме и се надевам ќе се покажеме во вистинско светло, ќе оствариме еден позитивен резултат, а потоа ќе ги дочекаме во полни трибини во „Борис Трајковски“, изјави Пешевски по тренингот во Рејкјавик.

Македонија посакува, барем, два бода од двомечот со Исланд, вечерва и в недела, со оглед дека не ги почна најдобро квалификацииве за ЕП. По првите две кола имаме тешка победа над Турција и пораз од Грција, репрезентации, кои по рејтингот би требало многу да заостануваат зад нас.