Нил нѐ однесе: Египет ја посрамоти Македонија со 19 разлика!

И од лошо имало полошо. Поразот од Шведска со 12 разлика во четвртокот, денеска изгледаше како детска игра во споредба со тоа што ја снајде Македонија во мечот со Египет. Загубивме со 19 разлика!

Го бележиме најтешкиот пораз во историјата на репрезентацијата на која сме најгорди. Египет ја надигра и ја посрамоти Македонија со 38-19, покажувајќи дека сегашноста ни е далеку под минатото, а во иднината тешко е да се погледне.

Уште во првото полувреме се расплете клопчето и се виде како ќе тече приказната во Каиро. До шестата минута беше 5-3 за Египет, а Македонија следниот гол го даде дури во 16-тата. Тогаш веќе Африканците имаа 10-3, но дури и кога возвративме со серија од три гола, тоа не беше доволен инпулс за да се вратиме во натпреварот. Во 19. минута Македонија заврши со давање голови, во следните 11 само Египет постигнуваше, даде дури 10, а понижувачки 20-6 на полувремето.

Вториот дел беше веќе тренинг-натпревар, само одработуваа и двете селекции, а единствено стравувавме да не си го урнеме сопствениот неславен рекорд, на највисок пораз на првенствата, со 18-38 од Европското во 1998, против Чешка. Египќаните поведоа и со 21 разлика, но до крај Македонија ја ублажи маката. Мартин Томовски имаше добар настап, со седум одбрани, по три гола постигнаа Лазаров, Маркоски и Пешевски.

Проблем беа грешките, имавме дури 16 загубени топки, проблем беше трчањето и залагањето, проблем беше реализацијата, а дополнителен хендикеп не снајде некаде на средина на првиот дел, кога Филип Кузмановски мораше да ја напушти играта поради директен црвен картон. Третиот меч од групната фаза, кој е последна шанса за пласман во главната, го играме в понеделник од 15.30, против Чиле.