Немавме решение за расположениот Рашимас, Македонија изненадена во Литванија
Литванците подобро го започнаа на натпреварот и освен почетните 0-1 и 1-2 водствот ово првиот дел констатно беше на нивна страна. Набрзо по пресвртот Литванија со неколку мини-серии дојде и до предност од четири гола разлика (9-5).
Од тој момент избраниците на Кире Лазаров заиграа нешто подобро, па до крајот на првиот дел успеавме да се вратиме на „минус еден“. На одмор домаќинот замина со 13-12.
Второто полувреме донесе изедначена игра, а ние за првпат по подолго време успеавме да поведеме со 14-15. Во продолжение се играше „гол за гол“ и ниту една од репрезентациите не дојде до два гола предност.
Со изедначен резултат се влезе и во последните десетина минути од средбата, а домаќинот во 54. минута успеа да дојде до тие два гола предност. Токму тие моменти веројатно и го одлучија победникот, Македонија до крајот не успеа да се врати и го запиша првиот пораз во квалификациите во вториот натпревар.
Херој на Литванија беше голманот Рашимас кој запиша дури 14 одбрани, а за Македонија не помогнаа десетте одбранети удари на Марко Кизиќ.
Најефикасен во нашите редови беше Филип Кузмановски со осум гола, Пешевски и Серафимов имаа по пет. На спротивната страна со по седум гола најефикасни беа Маласинскас и Антанавичиус.
Ќе потсетиме, пред три дена на домашен терен бевме подобри од Естонија со 37-33.