Младите ракометарки загубија на пенали и завршија шести на ЕХФ-шампионатот

Македонија не успеа да победи во мечот за пласман на петтата позиција на ЕХФ-шампионатот за ракометарки до 19 години и го освои шестото место во финалниот поредок.

Во дуелот за петто место македонските надежи загубија од Исланд, но дури по изведување пенали. Резултатот во „рулетот“ од седум метри беше 4-2 за островјанките, кои се покажаа поконцентрирани, откако основниот дел заврши 28-28.

А изгледаше дека Македонија ќе ја има психолошката предност на своја страна, бидејќи тоа нерешено го избори правејќи голем подвиг, враќајќи се од негатива 23-28. Тој резултат беше актуелен во 53. минута, кога Исланд го постигна својот последен гол, а потоа нашите ракометарки демонстрираа карактер. Направија серија од 5-0, при што последниот гол беше дело на Ангела Седлоска во завршните секунди од мечот.

Исланѓанките претходно водеа цел натпревар, имаа 16-13 на паузата и највисоки плус шест во вториот дел, но Македонија успеа да се врати, единствено изостана завршницата со седмерците. Ивана Џатевска со шест и Ангела Седлоска со пет гола ги предводеа стрелците, четири постигна Ивана Арсениевска.