Митревски: Имав „39 со 5“, но не помислив да се откажам – ремито е реално!
Македонскиот голман, Никола Митревски, кој само неколку часа пред средбата имал (пре)висока температура, смета дека ремито против Австрија е најреалниот резултат на мечот со оглед на сите случувања, иако и нему му е јасно дека можевме и да победиме.
„На крајот извлековме реми. Натпреварот беше изедначен во сите 60 минути. Се играше гол за гол, на крајот тие дадоа на 4 секунди до крајот, ние можеби на 4 стотинки. Најреално. Во првиот дел имавме 2-3 пати водство и од три разлика, не успеавме да го задржиме. Имавме шанси да победиме. Во вториот дел го презедовме повторно водството, тие израмнуваа. На крај поведоа, ние израмнивме и тоа е тоа. Пред мечот 'горев', но не мислев да се откажам, а сличен проблем имаа уште неколкумина во нашиот тим, но и тие стиснаа заби“, рече голманот Никола Митревски.
Чуварот на мрежата на Пелистер верува во оваа генерација.
„Одиме напред, се развиваме, овие момци не се толку млади, не се неискусни. Знаат да играат на резултат, некогаш треба и малку среќа. На следното првенство ќе бидеме уште подобри“.
Следниот натпревар на Македонија е против Катар во четврток од 15:30 часот.