Миркуловски се враќа во репрезентацијата по повикот од Лазаров (ФОТО)

Новиот селектор на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров денеска го објави првиот поширок список на ракометари за претстојните два натпревари со Данска во квалификациите за Европското првенство, а воедно го соопшти и неговиот нов стручен штаб. 

Лазаров, кој ќе го води националниот тим и на теренот и од клупата го врати во репрезентацијата Филип Миркуловски. Искусниот централен бек е ставен на списокот и како играч, но и како еден од помошниците на новиот селектор. 

Во стручниот штаб ќе бидат уште двајца поранешни соиграчи на Лазаров од репрезентацијата, а тоа се Бранислав Ангеловски и Ацо Јоновски. Помошник тренер ќе биде и поранешната репрезентативка Билјана Црвенковска.

Што се однесува до првиот список на селекторот, нема некои поголеми изненадувања помеѓу 35-те имиња. Повик добија стандардните ракометари кои изминатиов период го понесоа целиот товар и настапија на СП во Египет, а тука се и повеќе имиња од домашниот шампионат.