Македонските ракометари ќе добијат премија од три милиони денари

Ракометните репрезентативци на Македонија денеска беа на прием во Владата кај премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.

Ветената премија од два милиони денари беше зголемена за дополнителен милион, па така ракометарите ќе добијат вкупно три милиони денари.

„Денеска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, во Владата организиравме прием за нашите херои – машката ракометна репрезентација на Македонија. Ракометот е спорт број еден во Македонија, ракометарите се наша гордост. Со овој гест им оддадовме признание за нивната посветеност и борбеност на Светското првенство во јануари. Им посакуваме многу среќа и победнички дух на утрешниот натпревар против Словенија во квалификациите за ЕП 2026! Веруваме во вас“, објави министерот.

Македонија утре ќе се соочи против Словенија во квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се одржи во 2026 година.