Македонија се бореше, но Данска е друго ниво - старт со убедлив пораз!

Ракометната репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Данска го почна настапот на Европското првенство, загубивме со 24-36, македонските ракометари се обидоа да се надигруваат, но Данците се на друго ниво.

Исходот од овој натпревар беше познат уште при ждрепката, целта беше само македонските ракометари да го дадат максимумот и колку што е можно да му ја отежнат работата на главниот фаворит за златниот медал.

Македонија добро го почна натпреварот, бевме рамноправни во првите седумина минути, но тогаш следуваше серија на Данците од 5-0 кои поведоа со 8-3. Но, брзо го пребродивме падот и продолживме рамноправно да парираме до крајот на првото полувреме. На паузата се замина со водство на Данска од 17-12.

Во второто полувреме Данска ја зголемуваше предноста, ние игравме колку што можевме обидувајќи се да се носиме со моќниот противник. Како што одминуваше натпреварот данскиот селектор им даваше шанса и на ракометарите од втората постава, но и тие беа пресилни за нас. Конечниот резултат беше 36-24 за Данска.

Најефикасен во нашата селекција беше Серафимов со шест голови, Кузмановски и Митев постигнаа по четири. Кај Данска Питлик беше најдобар со девет голови. 

Најтешкиот меч за нас помина, следен противник ни е Португалија со која играме во недела со почеток од 18:00 часот.