Лазаров: Задоволен сум, ја натеравме Данска да напаѓа со „седум на шест“

Селекторот Кире Лазаров е задоволен од прикажаното на неговите ракометари и покрај убедливиот пораз од 12 голови разлика, тој виде позитивни работи, но вели дека може да се извлечат и поуки кои ќе послужат за наредниот предизвик.

Македонија тргна со убедлив пораз од Данска на Европското првенство, но избраниците на Лазаров храбро се бореа против силниот противник.

„Можам да кажам слободно дека сум задоволен, иако загубивме со 12 голови разлика од Данска. Задоволен сум од моите момци како се поставија со една од најдобрите селекции во последните 10 години. Мислам дека добро го подготвивме натпреварот, но вакви работи им се случуваат и на други селекции. Треба да извлечеме поука од мечот, мислам дека добро ротиравме и им дадовме шанса на сите ракометари. Ритамот е пеколен и сакаме посвежи да ги пречекаме следните два ривали. Имаме малку време да го подготвиме мечот со Португалија. На Данска најсилно оружје е транзицијата, се обидовме да најдеме слаби страни, но не ни успеа“, рече Лазаров по натпреварот.

„Ние ја натеравме Данска да напаѓа со ‘седум на шест’. Мислам дека нашата одбрана беше добро поставена, иако не смеам многу јавно да зборувам за да не се опуштат моите момци, зашто треба да се подготвиме добро за следните дуели. Треба да се одмориме, утре го откажавме тренингот. Треба да ги средат мислите и да настапиме во најдобро светло“.

Селекторот Лазаров објасни што беа изоставени Никола Митревски и Жарко Пешевски од денешниот меч.

„Митревски и Пешевски имаа ситни проблеми со повреди и разговаравме со стручниот штаб, по што одлучивме да ги одмориме. Јас се надевам дека за овие денови ќе успееме да ги рехабилитираме и со нив ќе бидеме посилни. Да беа здрави, сигурно ќе беа во составот, зашто тоа се одлични играчи“.

Следен противник на Македонија е селекцијата на Португалија, тоа ќе биде и директен дуел за втората позиција.

„Португалија играше полуфинале на минатото првенство, тие се бореа за подиум. Самите нивни изјави кажуваат дека се дојдени да се борат за медал или за злато. Нивниот клуб Спортинг во последните години игра добро, имаат квалитетни ракометари и од Барселона. Имаат добри ракометари кои ги бараат во целиот свет. Треба да проработи инаетот и да дадеме сè од себе. Тие се фаворити, мора да бидеме реални, но нашиот менталитет и карактер ќе нè натера да бидеме подобри“, заврши селекторот.