Македонија како ПСЖ: Стигнува Хота наместо Парондо!

Идентично како и пред две години, на Европското првенство во Полска, македонската репрезентација повторно останува без еден тренер. Тогаш Данило Брестовац мораше да го напушти Ивица Обрван поради обврските во Шамбери, а сега Роберто Гарсија Парондо ќе се раздели со Раул за да помогне во ЖРК Вардар. Но, разликата од пред две години е што сега стигнува замена.

Хота Гонзалес ќе го пополни местото на Парондо за преостанатиот дел од ЕП во Хрватска, почнувајќи од утре. Ова не е потег во трк, туку испланирано и познато сценарио, информираат од репрезентацијата.

Парондо беше на располагање до 21 јануари, кога завршува и турнирот од Женската регионална лига во Скопје, а веќе од утре ќе ѝ се приклучи на Ирина Дибирова во подготовка на тимот за натпреварот со Мец, в сабота.

Хота е доскорашен тренер на Ла Риоха и човекот кој ќе му биде помошник на Раул и во ПСЖ, од следната сезона, а нашиот селектор веќе има изјавено дека станува збор за негов голем пријател, така што не треба да се грижиме дали ќе се наруши континуитетот на работа во нашата селекција.