Лазаров: Манасков покажа светска класа, затоа и го повикав!

Македонската ракометна репрезентација денеска ги започнува подготовките за двата пријателски натпревари со Јапонија, а иако Лазаров го повика, Дејан Манасков одлучи да го одбие повикот од селекторот.

Манасков соопшти дека поради нарушениот однос со Лазаров нема да ги брани боите на Македонија во овие натпревари. На оваа тема денеска зборуваше и Лазаров.

„Дејан игра во одличнаа форма, затоа и го повикав, го одби повикот, не би имал друго што да кажам. Секоја чест  за формата, моја обврска е да ги повикам тие што заслужуваат, со него мислев дека ќе бидеме поквалитетни, навистина покажуваше светска класа, но тоа е тоа одиме напред“, одговори Лазаров на прашањето за Манасков.

Кога е Јапонија во прашање, Лазаров вели дека ја избрале затоа што станува збор за една квалитетна репрезентација со ниво на селекциите со кои ќе играме и на Европското првенство.

„Натпреварот со Јапонија го договоривме уште во летниот период, таму селектор е Тони Жирона кој ги водеше на Олимписките игри. Ми се допаѓа стилот на игра кој го има со брз и динамичен ракомет, ние во овие два натпревари ќе ги искористиме да пробаме некои работи кои ни недостасуваа во минатото и да се подготвуваме за уште едно големо натпреварување. Затоа сметам дека Јапонија противник по мерка. Ќе испробаме некои работи, ќе имаме и јасни цели на што мораме да внимаваме за да видиме до каде сме.

„Јапонија играше Олимписки игри и тоа е тоа ниво со кое се соочуваме на големите натпреварувања, нема да пробуваме нешто специјално, меѓутоа ќе дадеме шанса и на нкеои помлади ракометари. Деновите максимално ќе ги искористиме, ќе имаме пет тренинзи , два натпревари. Нема да бидат толку физички тешки, ќе бидеме насочени на детали“, изјави Лазаров.

Првиот натпревар против Јапонија, Македонија го игра на 30 ноември во Автокоманда, додека вториот е закажан за 1 ноември во Куманово.