Лазаров кажа зошто не ги повикал Талески и Митревски

Македонската ракометна репрезентација ќе одигра два квалификациски натпревари за Европското првенство 2026 против Естонија и Литванија, а селекторот Кире Лазаров реши во составот да не ги вметне Никола Митревски и Филип Талески.

Лазаров кажа дека е почнат процес на подмладување на репрезентацијата, па објасни зошто во селекцијата на овие два меча не се повикани Митревски и Талески.

„Ние почнавме процес на подмладување на репрезентацијата и истиот мора да се доврши. Мислам дека се појавуваат нови ракометари, млади и добри кои во своите клубови покажуваат квалитет. Од никого не се откажуваме, туку имаме потреба од играчи. Сепак, радува фактот што имаме можност да бираме. Сите ќе бидат во конкуренција за настап за светското првенство кое се игра во јануари. Што се однесува до Митревски, мислам дека имаме млади и квалитетни голмани кои треба да добијат шанса. Да видиме како ќе се однесуваат кога ќе имаат поголема одговорност и зад нив нема еден голем голман. Талески е квалитетен играч, но во последно време на Европското и Светско првенство мислам дека не покажа доволно квалитет. Затоа се решив во моментов да дадам шанса на други ракометари, како што е Павле Атанасијевиќ. Идејата е да создадеме квалитетна репрезентација, да пробаме да бидеме борбени против најдобрите“, кажа Лазаров.

Селекторот посочи дека мора да се биде внимателен против двата противници, но очекува потежок предизвик против Литванија.

„Искуството на играч и тренер ми кажува дека секогаш треба да бидеме внимателни. Имаме доста материјали од двете селекции, подготвени сме. Ќе видиме како ќе се однесуваат нашите ривали. Мислам дека ќе биде многу потешко против Литванија“, вели македонскиот селектор.

Македонија првиот меч го игра на 6 ноември против Естонија, а потоа на 10 ноември ќе се соочи против Литванија.