Лазаров изненаден што нема критики: Што е ова, мора да е скриена камера!
Според него, оваа ситуација е без преседан, бидејќи досега секогаш постоеле реакции, независно од резултатите.
„Ова досега не сум го доживеал. Мора да има скриена камера штом нема ниту една критика. Ова е некаква скриена камера. Секогаш ни треба критика, и во победи и во порази“, изјави Лазаров.
Тој истакна дека е задоволен од напредокот на репрезентацијата, која минува низ генерациска смена.
„Овие момци се млади и амбициозни, а очекувањата сега ќе бидат уште поголеми. Сепак, мораме да сфатиме дека за успех е потребна жртва. Физички заостануваме зад Скандинавците, но оваа генерација се движи во нагорна насока“, дополни селекторот.
Лазаров, пак, во интервју за хрватскиот медиум „Спортске новости“ се осврна и на состојбата во ракометот, посочувајќи на недостатокот на доверба и транспарентност, што ги одвраќа потенцијалните инвеститори.
„Мала земја сме, но го сакаме ракометот. Цел свет виде што се случи против Холандија. Американците не вложуваат во овој спорт, бидејќи вакви ситуации ја рушат довербата. Како може инвеститор да вложи пари ако постои сомнеж дека ќе биде измамен? Сите ние што работиме во ракометот треба да бидеме сериозно загрижени,“ предупреди Лазаров.
Тој го заврши разговорот со оптимизам, верувајќи дека македонската репрезентација има потенцијал за успех, но и со порака дека само со посветеност и професионализам може да се оствари напредок.