Кузмановски во дебито му донесе победа на Магдебург

Македонскиот ракометен репрезентативец, Филип Кузмановски, одлично ја стартуваше сезоната во германскиот бундеслигаш Магдебург и на првиот натпревар со погодок во самиот финиш му донесе триумф на својот нов тим.

На пријателскиот турнир „Мегавудсток“, битолчанецот настапи во дуелот против Лајпциг, кој Магдебург го доби со 14-13.

Кузмановски беше круцијален за победата, бидејќи беше стрелец токму на победничкиот гол, во последните секунди од мечот. Бидејќи ова е неофицијален натпревар, уште пред подготовките за новата сезона официјално да почнат, се играше двапати по 20 минути. На полувреме беше 7-6 за Магдебург, а најголемото водство изнесуваше 10-7.

Кузмановски замина во Магдебург, откако одигра една полусезона во Еурофарм Работник. Претходно беше член на Металург, а потекнува од школата на Пелистер.