Георгиевски: Да се бориме, да изгинеме, па што биде - нека биде!

Продолжуваат квалификациите за ЕП 2020 за македонската ракометна репрезентација со вечерашниот дуел (21.45ч.) на Исланд. Противникот е стар познаник, но Македонија слета во Рејкјавик со еден важен нов елемент - селеторот Данило Брестовац. Желбата е да се оствари добар резултат по секоја цена, па ако треба да се „изгине“ на теренот, велат репрезентативците од Исланд.

Со Исланѓаните игравме на СП во јануари и загубивме со 22-24 во рамноправен натпревар. На вечерашниот меч нема да има изненадувања, смета десното крило, Гоце Георгиевски, но затоа треба тоа што го знаат да го покажат на терен трудејќи се до последниот атом.

„Доста добро се знаеме со Исланд, речиси секое првенство или квалификации играме со нив. И тие нè знаат нас, така што мислам дека нема да има никакви изненадувања на натпреварот. Тие располагаат со доста квалитетни играчи, но наше е да го презентираме тоа за што се договаравме на тренинг, на видео-анализите, да изгинеме на терен, па што биде нека биде. Се надевам на поволен резултат“, изјави Георгиевски.

Тој задоцни малку на собирот, иако го фати единствениот тренинг во Скопје. Токму тоа е пример за тоа како функционираат и нашата и сите европски репрезентации во овие тесни „прозорци“ на ЕХФ. Гоце смета дека кога прво играте на гости тогаш имате мал минус.

„Никој нема време за подготовки, но мислам дека од наша страна, кога го играте првиот натпревар на гости, а потоа дома, за тие репрезентации е малку минус, нема време за тренинг, тоа време се поминува во пат. Сега нам ни се падна Исланд кој е многу далеку, но тоа е. И претходно сме гостувале кај нив, знаеме дека е краток временски период, тоа сме го искусиле и претходно и не треба премногу внимание да му даваме“, го кажа своето размислување Георгиевски.