Ракометната репрезентација на Македонија доживеа пораз од Словенија во првиот од двата меѓусебни натпревари, во рамките на квалификациите за Европското првенство во 2026 година.

Словенците славеа во Скопје со 32-26 и речиси обезбедија пласман на континенталниот шампионат што ќе се одржи идниот јануари. Нашиот тим одигра извонредно прво полувреме, повеќе од 25 минути го диктираше темпото и имаше убедливо водство, но не го издржа темпото и на крај доживеа и преубедлив пораз во однос на она што се случуваше на теренот.

Отворањето беше фантастично, 2-0 во третата и 4-1 во шестата минута, потоа и 8-3 во 14. и највисоките +6 (10-4) во 16. минута за атмосфера еднаква на делириум во „Борис Трајковски“. Во 27. минута беше 15-12, но во финалните моменти од првото полувреме нашите ракометари дозволија серија на противникот од 3-1 и на голем одмор се замина со минимални 16-15.

На стартот од вториот дел се играше гол за гол, а во 37. минута Словенија првпат поведе, со 19-18. Десетина минути подоцна веќе беше 25-21 за гостинската репрезентација по што стана јасно дека нема повеќе враќање за нас.

Филип Кузмановски со 10 гола беше убедливо најефикасен играч во македонската репрезентација, Митев оостигна пет, а Пешевски четири. Голманот Никола Митревски забележа девет одбрани. Реванш дуелот меѓу Словенија и Македонија е на програмата в недела од 18 часот во Копер.