Брестовац направи две промени во тимот за Исланд – еден е дебитант!

Новиот македонски селектор Данило Брестовац, кој победнички тргна во Рејкјавик против Исланд направи две промени во тимот за утрешната втора пресметка со „рибарите“ во евроквалификациите, меч кој е значаен за Македонија практично да го завери настапот на Европското првенство во јануари идната година.

Брестовац за втората рунда со Исланѓаните сега во составот ги стави Мартин Серафимов и Димитар Димитриоски на местото на Бојан Маџовски и Томислав Јагуриновски. Маџовски ќе го замени Димитриоски, за кого ова може да биде практично деби во националниот состав, откако се повреди ден пред поаѓање за Германија на годинешниот Мундијал. Серафимов, пак, веќе има настапи за сениорската репрезентација.

Македонија по три кола има 4 бода и сега пред преполна сала шанса да ја запише и третата и со тоа практично да стигне до ЕП. До крајот на квалификациите ќе останат само уште домашен меч со Грција и гостување во Турција.