Вардар се лизна во Белград: Партизан ги преслуша црвено-црните (ФОТО)

Македонскиот ракометен првак, Вардар, загуби вечерва во Белград од Партизан со 22-28 во последниот меч од групната фаза во регионалната СЕХА-лига, со брилјантен меч на голманот на црно-белите Андреј Трнавац кој имаше 20 одбрани.

Вардар уште во воведот се најде во негатива од четири разлика, која постојано ја бркаше во првиот дел, но црвено-црните успеаја до полувреме да дојдат на само гол негатива. Откако Филип Талески во 41. минута погоди за 18-19 на семафорот, следеше голем пад на Вардар, по кој Партизан со серија од 5-1 дојде на огромни плус пет (24-19) и таа предност до крајот потоа не ја испушти во завршните седум минути.

Никола Зечевиќ и Стефан Петриќ со по осум гола беа главни на теренот, покрај Трнавац со 20-те одбрани. Во Вардар, Талески даде девет гола, но немаше подддршка од соиграчите, па Карапалевски и Чувара додадоа три гола, а Мартин Томовски собра девет интервенции.

Со ово втор пораз во четвртиот меч во СЕХА, Вардар останува на првото место на табелата, со шест бода, но сега тоа е под опасност и од Партизан и од Татран, кои се зад него со по три бода. Нивните меѓусебни средби допрва треба да ги играат, на крајот од март, па можно е да се случи сите три екипи да завршат со по шест бода и да решава гол-разликата.

Во моментов, Вардар има „нула“ во таа категорија, односно 105-105 во примени и постигнати погодоци, Партизан е на +1, а Татран -1.