Вардар одигра моќно во Охрид – со 12 гола разлика го растури Олимпијакос!
Избраниците на Иван Чупиќ прикажаа одлична партија и уште во првото полувреме практично го решија прашањето околу победникот. Грчкиот тим успеваше да парира само во почетните минути, до 3-3, по што Вардар ја презеде контролата. „Црвено-црните“ поведоа со 6-3, а потоа со серија од 8-0 целосно го скршија отпорот на Олимпијакос.
Разликата продолжи да расте, па по погодокот на Вукашин Воркапиќ во 25. минута Вардар првпат стигна до двоцифрена предност (19-9). Јака Малус зголеми на 20-9, а на паузата македонскиот тим замина со убедливи 21-11. Олимпијакос го отвори второто полувреме со два гола во низа, но тоа не го наруши ритамот на Вардар. Мохаб погоди за 28-16, а Бобан Попоски подоцна ја зголеми разликата на 33-20. Во еден момент „црвено-црните“ имаа и 14 гола предност (35-21), по што рутински го приведоа натпреварот кон крајот за конечни 39-27.
Голманот Валах со 15 интервенции беше прогласен за МВП на мечот. Најефикасни кај Вардар беа Вукашин Воркапиќ и Матео Фадуил со по седум погодоци, Леон Љевар постигна шест, додека Јака Малус заврши со пет гола.
Следниот предизвик за Вардар на турнирот во Охрид е в четврток од 21 часот, кога ќе се соочи со хрватски Нексе Нашице.