Барселона именува Бразилец за нов капитен – Де Јонг изненадувачки извиси!
Бразилскиот крилен напаѓач ја презема капитенската лента по заминувањето на Роналд Араухо и Марк-Андре тер Штеген, кои минатата сезона беа прв и втор капитен, а летово заминаа на позајмици во Ливерпул, односно Ајакс. Одлуката донесе и мало изненадување бидејќи како најлогичен наследник се наметнуваше Френки де Јонг. Холанѓанецот минатата сезона беше трет во капитенската хиерархија, но сега ќе биде заменик на Бразилецот. Зад нив во изборот за капитени се Педри и Ерик Гарсија.

Рафиња пристигна во Барселона од Лидс во 2022 година и постепено прерасна во една од најважните фигури во тимот. Тој се избори за значајна улога уште во периодот кога тренер беше Чави Ернандез, а неговиот статус дополнително се зацврсти под водство на Ханси Флик. Во изминатите години беше важен дел од успешниот период на Каталонците и освојувањето на трите шампионски титули во периодот од 2023 до 2026 година. Сега ќе добие и дополнителна одговорност како предводник на екипата на теренот.
Првата можност официјално да ја понесе капитенската лента ќе ја има на 23 август, кога Барселона ќе гостува кај Елче во својот прв натпревар од новата сезона во Ла Лига.