Вардар ја отвори СЕХА со пораз во Прешов

Вардар со пораз ја отвори 12. сезона во СЕХА-лигата, на гостувањето во Прешов, против Татран со 27-23. Ова е прва победа на Словаците во натпреварите против Вардар по 13 меѓусебни пресметки, односно по девет години.

Црвено-црните покажаа дека имаат уште за штимање во пресрет на пролетната полусезона бидејќи му се спротивставија на Татран само четвртина натпревар.

Изгледаше дека македонскиот првак ќе тргне кон победа кога поведе со 7-4 во 13. минута со сигурна игра и на двата краја од теренот. Меѓутоа настана неочекуван пад во играта, особено во нападот, без гол цели осум минути. Татран направи серија од 5-0 и поведе со два разлика, без многу да се насетува дека ги поставува контурите на целиот преостанат меч.

Ја сочува разликата до крајот на периодот и на пауза замина со 14-11, но не застана овде. Во второто полувреме Словаците дојдоа до максимални 21-16 по 45 минути игра, меѓутоа осцилациите во играта на Вардар не дозволуваа да се процени дали мечот уште сега е завршен. 

Излезе дека има уште за расплетување, бидејќи македонскиот првак ги користеше грешките на својот домаќин за да ја стопи предноста и да дојде одново до отворен натпревар. Марко Мишевски постигна гол за 23-24 на минута и пол до крајот и притисокот беше префрлен врз Татран. Сепак, тој се преточи во седмерец на една минута до крајот, кој го реализира Лопез и му пресуди на мечот. Вардар се обиде со 7 на 6 да направи чудо, но не успеа. Филип Талески со осум гола беше прв стрелец, по четири постигнаа Карапачевски и Георгиевски, додека Рабек со 10 беше најефикасен.