„Скубе, дојди во Брест на чист воздух и евтини маици за седум евра!“ (ВИДЕО)

Мешков Брест се пофали на социјалните мрежи дека во следните две сезони ќе ги има услугите на Сташ Скубе. Актуелниот вардрец вчера се прости со јавноста, соопштувајќи дека си оди, без да нагласи во кој клуб, а сега Белорусите официјализираа.

Згора на тоа, се потрудија да си направат и дополнителна реклама со еден краток спот во кој, божем, Скубе му се јавил по скајп на сонародникот Симон Разгор, кој игра во Брест, а овој упорно го фали градот.

„Овде има чист воздух, има езеро јахти пловат по него, можел риби да ловиш, има голем трговски центар, со познати марки и со евтина роба. Можеш да си купиш маица за седум евра...“

Скубе беше дел од Вардар две сезони, а иако минатото лето потпиша нов договор, на уште три, сепак, беспарицата и неизвесната иднина го натераа да си бара друг клуб. Покрај него, на лето ќе заминат и Шишкарев (Веспрем) и Гедбан (Адемар), а во текот на сезоната веќе си отидоа Криштопанс и Атман.