Лино во солзи: Сарачевиќ беше голем човек, зошто мораше прерано да замине!

Смртта на легендарниот хрватски ракометар, Златко Сарачевиќ, предизвика шок на целиот простор на поранешна СФР Југославија, а особено во неговата матична држава, каде што речиси и да нема некој што не пушти солза по неговото прерано заминување.

Меѓу тие е и поранешниот македонски селектор, Лино Червар, кој едноставно не може да поверува дека тој повеќе не е меѓу живите.

„Ништо не ми е јасно, во шок сум. Знам дека не беше болен. Беше пример за спортист, за ракометар и тренер, олимписки шампион. Ми беше помошник во 2018 година на Европското првенство. Беше сѐ тоа, но најмногу беше голем човек. Никогаш никому немаше кажано лош збор и никој за него не може да каже нешто лошо. И, не го кажува ова бидејќи го нема, туку дека е вистина“; изјави Червар.

Сарачевиќ ненадејно почина синоќа, откако му се слошило во автомобилот на враќање по натпреварот на неговата Подравка против Локомотива Загреб. Веднаш бил пренесен во болница, каде што лекарите 40 минути се бореле за неговиот живот, но не успеале да го спасат. Тој беше член на легендарната хрватска генерација што стана олимписки шампион 1996 година во Атланта.