Хаос во хрватското дерби: Ракометар го удри делегатот, кој заврши во - болница (ВИДЕО)

Дербито на ракометното првенство од хрватскиот шампионат, меѓу Нексе и Загреб во Нашице не го дочека ни крајот на првото полувреме поради инцидент што се случи на 7 секунди пред неговото завршување.

Загреб водеше со 16-9 кога Фахрудин Мелиќ постигна гол, но арбитрите Јурановиќ и Мрвица го поништија и досудија пенал за Нексе. Веселин Вујовиќ, кој го води Нексе, полуде, со него и играчите на тимот од Нашице, па дојде и до туркање во близина на записничката маса. 

Во целата мешаница, словенечкиот репрезентативец Марко Безјак со лакт го закачи делегатот Анто Јосиќ кој од ударот падна на земја и мораше да му биде укажана лекарска помош. По полчасовниот прекин, судиите само ги известиле двете екипи дека натпреварот нема да продолжи.