Црвено-црна доминација: Четворица ракометари на Вардар во тимот на сезоната во СЕХА!

Капитените на десетте СЕХА-тимови добија нешто поинаква улога од таа што ја имаат на ракометните терени, односно имаа задача да го состават „најдоброто“ од лигата, а во нивниот избор имаше место за дури четворица ракометари од Вардар. 

Македонскиот шампион го освои првото место во регуларниот дел од СЕХА лигата. „Црвено-црните“ остварија 14 победи и само четири порази, па во „дрим тимот“ на СЕХА имаше место за Дејан Милосављев како најдобар голман, Тимур Дибиров како најдобро лево крило, додека Игор Карачиќ е најдобар среден бек, а горостасот Даинис Крисопанс е најдобриот десен бек.

Покрај вардаровата „четворка“ во најдобриот СЕХА тим имаше место и за ракометарот на Брест Мешков, Петар Џорџиќ,  пивотот Марин Шипиќ од Нексе, а признанието „специјалист“ во одбраната му припадна на Павел Хорак.

МВП на регуларниот дел од сезоната е Златко Хорват кој заедно со Загреб ќе му се спротистави на Вардар во осминафиналето од ЛШ. Шпанецот Маноло Каденас е најдобриот СЕХА тренер.

Целиот СЕХА „дрим тим состав“ е од екипите кои ќе се најдат на фајнл-фор турнирот во Брест. Полуфиналните натпревари се на програмата на втори април, кога на теренот најпрвин ќе се соочат ППД Загреб и Нексе, додека во вечерниот термин е дуелот меѓу Мешков и Вардар.