Веселин Вујовиќ: Разочаран сум, но не од резултатот!

Ракометарите на Вардар го претрпеа и петтиот пораз во низа во Лигата на шампионите, овој пат на домашен терен против Пик Сегед (27-30), што нормално донесе огромно разочарување кај тренерот Веселин Вујовиќ.

Тој на прес-конференцијата по средбата откри дека не е разочаран од резултатот, туку од начинот на кој неговите пулени го загубија дуелот.

„Многу сум разочаран. Но, не од резултатот и од поразот, туку од начинот на кој загубивме. Отворивме многу лошо, напаѓачки апсолутно не бевме ни близу, правевме почетнички грешки, Миклер тоа го решаваше и тие заминаа на голема разлика, која потоа само ја одржуваа. Едноставно, немавме расположени играчи, без оглед на се. Знаеме која е силата на Пик Сегед, тие во се моментов подобри, екипа се која може да игра на Ф4 и да ја освои ЛШ. Тие се еден проект, кој почна пред осум години, јас сум овде пет месеци и ќе биде тешко“, изјави стратегот на црвено-црните.

Популарниот „вујо мајсторе“, сепак, и покрај лошите два ипол месеци, сепак, не губи надеж.

„Знам дека ова е разочарување, а ќе има и други разочарувања. Нашата цел е да влеземе во втората рунда. Борбата не е завршена и ние ќе продолжиме да се бориме“, дополни тренерот на Вардар.