Вардарци притиснаа на гаста колку што требаше: Мисија Кристијанштад - успешна!

Вардар не се префорсира, туку одигра колку што му требаше за да забележи нова победа во Лигата на шампионите, макар и тесна, со 26-23. Со тоа го сочува врвот на табелата и се зацврсти со 11 бода.

Најважно е што Вардар ја запиша петтата победа во ЛШ и тоа со контролоран натпревар и свесно без притискање. Несигурни беа само првите десет минути од натпреварот, кога тешко европскиот првак тешко го наоѓаше патот до мрежата на Капелин, па губеше со 2-5. Но, како што сезонава стана обичај, следуваше налет и серија од 4-0, со која Вардар првпат поведе, а потоа продолжи и до седум постигнати и само еден примен гол, за 9-6 во 17. минута.

Оттука Вардар одеше само нагоре, барем до крајот на првиот дел, кој го заврши со, дотогаш највисоки, 15-10. На стартот на вториот дел серијата продолжи до максималните плус осум, 18-10, а потоа Раул Гонзалес свесно му дозволи на противникот да намали. 

Ротираше во тимот и ги одмораше играчите, а потоа и ја тестираше ретко користената 6-0 зона во одбрана. Кристијанштад го имаше расположениот Капелин на голот, па со него ја стопи негативата и до крај дојде до само минус три, што беше најмала разлика во вториот дел.

Отсуството на Хорхе Македа фрли одговорност врз Даинис Криштопанс, а тој максимално ја прифати со седум постигнати гола, колку што имаа и Вуко Борозан и Тимур Дибиров. Арпад Штербик повторно беше тешко премостива „карпа“ на голот со 17 одбрани, Капелин на спротивната страна имаше две помалку.

Вардар сега има 11 бода, два бода повеќе од Барселона, која го совлада Загреб со 32-22. Утре треба да играат Пик Сегед и Рајн-Некар, па ако Германците не слават, Вардар ќе ја задржи предноста од два бода, без разлика кој е зад него. Следниот меч е Загреб, на гости, на 11 ноември.