Вардар верува во чудо против Монпелје!
Монпелје првиот меч го доби со 33-23, па на Вардар ќе му треба голема сензација за да ја анулира оваа негатива која изгледа недостижно.
Но, тренерот Иван Чупиќ и ракометарите веруваат дека можат да направат чудо.
„Може ќе ми кажете дека сум будала, но никој не може да ни забрани да веруваме“, рече хрватскиот стратег на прес-конференцијата.
Вардар за првиот натпревар против Монпелје на располагање ги немаше двајцата најдобри ракометари Јака Малус и Дмитро Хориха, тоа беше и една од причините за високиот пораз. Двајцата се вратени во стројот, тренираат, но неизвесно е дали ќе бидат доволно подготвени за натпреварот.
Навивачката група на Вардар вети пеколна атмосфера и навивање од првата до последната минута, поддршка за своите ракометари во потрага по тоа чудо.
Традицијата е на страната на Вардар, од досегашните 12 меѓусебни натпревари, седум пати победил македонскиот тим, четири дуели добиле Фрацнузите, а еднаш мечот завршил нерешено. Но, на нашиот тим сега не му треба било каква победа, туку триумф од неверојатни 10 или повеќе разлика.