Вембанјама делеше „банани“, ама Минесота со брејк ја почна серијата (ВИДЕО)
Минесота славеше како гостин со 104-102 и потврди дека триумфот против Денвер не бил случајност. Вембанјама, кој едногласно беше прогласен за одбранбен играч на сезоната, имаше просек од 3,1 блокади по натпревар во текот на регуларната сезона. Му беа потребни три четвртини за да го израмни рекордот во плејофот на НБА, а нов постави во четвртата.
Ендру Бајнам, со Лос Анџелес Лејкерс во 2012 година, беше последниот играч кој имаше двоцифрен број блокади во плејоф натпревар. Единствените двајца пред него беа Хаким Олаџувон и Марк Итон. Вембанјама го постави рекордот во својот шести плејоф натпревар во кариерата.
Но, иако беше фантастичен во одбраната, поранешниот прв избор на драфтот и најдобриот дебитант во лигата во 2024 година се мачеше во нападот. Против Тимбервулфс постигна 11 поени со слаб шут од игра, 5/17. Го заврши натпреварот со триплдабл, односно со 11 поени, 15 скока и 12 блокирани обиди на противникот.
Вулфс, кои поведоа со 1-0 во полуфиналето на Западот со овој натпревар, беа предводени од Џулиус Рендл со 21 поен и десет скока и Ентони Едвардс со 18 поени.
Во вториот натпревар од ноќешната програма, Њујорк Никс ја растури Филаделфија пред своите навивачи со 137-98.