Не Мбапе или Виннисиус, туку шпанските играчи го минираат Арбелоа
Според шпанските медиуми, во последните недели имало несогласувања меѓу неколку играчи на шпанскиот тим и тренерот Алваро Арбелоа, а критиките има и за Килијан Мбапе.
Тренерот, кој го презеде тимот на средина од сезоната, не успеа да ги подобри резултатите или да изгради добри односи во соблекувалната. Се вели дека Арбелоа ја занемарил комуникацијата со групата шпански играчи, меѓу кои се Дани Карвахал, Раул Асенсио, Дани Себаљос, Дин Хујсен и Фран Гарсија. Овие играчи изразуваат незадоволство од неговите одлуки и го обвинуваат дека фаворизира одредени играчи и млади тинејџери.
Ситуацијата околу Карвахал е исклучително напната, а според гласините, тој отворено се пожалил на малата минутажа. Слични проблеми го погодуваат и Асенсио, кој беше отстранет од составот по несогласување со тренерскиот штаб. Себаљос е исто така незадоволен и е надвор од тимот по конфликт со тренерот.
Лошите резултати исто така не придонесуваат за добра атмосфера во соблекувалната. Реал Мадрид е елиминиран од домашните и европските турнири, а моментално е 11 бода зад лидерот Барселона во Ла Лига. Одлуките на Алваро Арбелоа, како што е вклучувањето на јуниорите во клучните натпревари, не ги донесоа очекуваните резултати, што само ја продлабочува фрустрацијата кај поискусните играчи. Сепак, самиот Арбелоа избегнува јавни коментари за внатрешните тимски прашања.
„Она што се случува во соблекувалната на Реал Мадрид, останува во соблекувалната на Реал Мадрид. Имаше околности со кои требаше малку подобро да се справиме“, рече 43-годишниот тренер на прес-конференција.
Имаше информации и дека, со оглед на растечките проблеми, раководството на клубот размислува за промени на тренерската клупа. Во медиумите се шпекулира дека еден од главните кандидати да го преземе тимот е Жозе Мурињо, чие враќање во Мадрид по речиси 13 години би било огромно изненадување.