Вардар продава изгор скапи билети за Келн, а онлајн се - тројно поевтини! (ФОТО)

Откако Вардар се пласира на фајналфор-турнирот од Лигата на шампионите, и ја доби екипата на Монпелје за противник, почна да се подгрева атмосферата за нова навивачка екскурзија од Македонија во Келн. Меѓутоа, идентично како и лани, билетите со кои располага клубот се изгор скапи

Вчера се потсетивме на податокот дека на сите четири учесници на завршниот турнир им следува одреден процент од салата или по 600 билети и Вардар денеска веднаш излезе со понуда. Сепак, идентично како и минатата година, цената е прескапа за обичниот гледач - 17.300 денари по човек!

Тоа е цена за блок-билети, односно влезница и за првиот, полуфинален и за вториот, финален ден во „Ланксес арена“. Таа беше сумата и минатата година и тогаш имаше реакции и негодувања: зошто клубот не преземе нешто за да им го олесне патувањето на тие 600 навивачи?

По социјалните мрежи имаше предлози Вардар да ги субвенционира заинтересираните, а не да се јавува само како препродавач, бидејќи ова е, всушност, цената која се нуди и на официјалниот продажен онлајн-пункт. На вебсајтот на Ф4-турнирот, во моментите кога го објавуваме текстот пишува дека достапни се билети само од по 297 евра, што е некаде околу 18.000 денари по човек. Тоа се билети од иста категорија со овие што ги нуди Вардар. За македонските навивачи резервиран е блокот 218 во „Ланксес“, а билетиве што се достапни онлајн се главно од блок 219 и од соседниот 202.

Меѓутоа, проблемот е во тоа што ова не е единствениот извор на билети и ако некој е решен и сака да оди може да си најде поветини. Онлајн-сервисот за билети од светските настани, „Виагого“, има понуди за Ф4-турнирот во Келн од различни ценовни категории, највтините достапни чинат по 98 и 99 евра! Тоа е тројно поевтино!

Се разбира, тоа се седишта во погорните краеви на салата, но барем навивачот избор и она што го засега секој фан - важно ќе биде таму, во салата!

Згора на тоа, минатата година имаше случи на многу лукави и мудри Македонци, кои се заинтересирале и побарале огласени билети од Германци. Разочарани што немаат бундеслигашка екипа во Келн, тие ги продаваа билетите за смешни цени, споредени со овие 300 евра кои ги бара клубот.

Начини има и упорните и страствените ќе ги најдат, но нели е послатко ако клубот застане зад твој грб и покаже грижа за единката без која спортов не би бил ист?