Вардар потврди: Гостувањето кај ПСЖ е одложено поради нови заразени!

Вардар ги официјализира наводите дека утрешниот натпревар во Париз, против ПСЖ, во шестото коло од Лигата на шампионите - нема да се одигра.

Иако информацијата дојде на само еден ден до одигрувањето и на часови, ако не и минути до закажаното патување за Париз, сепак друг избор нема.

„Причината за откажувањето на натпреварот е што тимот на Вардар 1961 пријави дека има членови позитивни на Ковид-19 на последното тестирање. По консултациите со ЕХФ решено е натпреварот да биде одложен, и закажан дополнително во друг термин“, пишува во соопштението на клубот.

Неофицијално, новите позитивни на коронавирусот се младиот пивот Гашоски и еден член на физиотерапевтскиот тим, меѓутоа непознато е дали вирусот е пренесен и на други играчи. Новиот термин, кој ЕХФ треба да го дефинира во консултација со двата тима, ќе зависи и од епилогот на следните тестирања во редовите на Вардар. Ако има нови позитивни, можеби ќе биде неопходен целосен и подолг карантин, што е едно од полошите сценарија.