МЗТ Скопје гостува во Германија - кај аеродромец израснат во „Лименката“!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ги очекува тешко гостување во германскиот град Вурцбург (19 чсот), каде што во рамките на третото коло од групната фаза во ФИБА Европа купот ќе се соочат со истоимената екипа.

Двата тима влегуваат во овој натпревар од Групата Е со императив за победа по лошиот старт на европската сезона и двата порази во низа, но пресметката во „Тектаке арената“ носи и специфична емотивна заднина бидејќи на спротивната клупа ќе седи Сашо Филиповски, тренер кој израснат во скопската населба Аеродром.

Словенечкиот тренер со македонско потекло е роден во Љубљана, но првите 13 години од својот живот ги минал во македонскиот главен град, градејќи посебна емотивна врска со населбата и со „сино-белите“. По долгогодишната успешна кариера низ повеќе европски земји, искусниот стратег сега ќе има необична задача да го предводи германскиот состав против клубот за кој некогаш страсно навивал.

Тој оваа поврзаност ја потврди и пред неколку години во интервју за еден српски медиум за време на неговиот ангажман како тренер на белградски Партизан.

„Кога бев дете, навивав за МЗТ Скопје. Живеев на 400 метри од популарната 'Лименка“ каде што буквално израснав“, откри Филиповски.

Носталгијата вечерва ќе биде ставена во втор план, бидејќи бодовите се од круцијално значење за двата тима во битката за едно од првите две места кои водат во следната фаза. МЗТ Скопје отпатува за Германија со цел да ја прекине негативната серија откако ги загуби првите два натпревари, претрпувајќи пораз од Ираклис (59-64) и тесен неуспех со Тарту (92-95) на домашен терен. Во слична, незавидна ситуација се наоѓа и домашниот состав на Вирцбург, кој исто така е во потрага по својот прв триумф откако загуби од АЕК Ларнака (65-73) и од Ираклис (73-90).

Германскиот претставник ќе се потпре на искуството на својот тренер и предноста на домашниот терен, додека македонскиот шампион бара соодветна реакција по двата тесни порази и задржување на шансите за пласман понатаму.