Ал Наср на продажба, Роналдо ќе има 20% од сопственоста

Кристијано Роналдо би можел да стане еден од сопствениците на Ал Наср, откако американската инвестициска група „РедБирд Капитал“, која е сопственик на Милан, започнала разговори за купување мнозински удел во саудискиот клуб.

Според информациите на американскиот медиум „Семафор“, преговорите се однесуваат на преземање на 70 отсто од акциите на клубот од Ријад, а вредноста на потенцијалната трансакција би изнесувала околу една милијарда саудиски ријали, односно приближно 267 милиони долари.

Според предложениот модел на сопственост, Роналдо би задржал 20 отсто од акциите на Ал Наср, со што португалската суперѕвезда би можела да добие значително поголема улога во иднината на клубот, надвор од случувањата на теренот. Пред евентуалната продажба, Саудискиот јавен инвестициски фонд (ПИФ), кој управува со сопственоста на клубот, планира да ги подмири долговите на Ал Наср во вредност од околу 800 милиони саудиски ријали, што одговара на приближно 213 милиони долари.

Паралелно со тоа, се работи и на обезбедување нови спонзорски договори со компании од инвестициското портфолио на фондот. Целта е да се подобри финансиската состојба на клубот и да се создадат услови за полесно привлекување приватни инвеститори. „РедБирд Капитал“, предводена од Џери Кардинале, веќе одржала најмалку два состанока со претставници на саудискиот фонд. Сепак, разговорите се наоѓаат во рана фаза и сè уште нема конечен договор за условите на трансакцијата.

Како можен партнер во инвестицискиот конзорциум се споменува и Саудиската медиумска компанија, која работи во секторите на медиумите, спортот и забавната индустрија. Евентуалното стекнување сопственички удел би претставувало нов чекор во деловните активности на Роналдо, кој веќе инвестира во фудбалот и надвор од теренот. Неговата компанија ЦР7 поседува 25 отсто од шпанскиот клуб Алмерија.

За „РедБирд Капитал“, преземањето на Ал Наср би можело да значи проширување на присуството на саудискиот фудбалски пазар, но и дополнително зајакнување на деловните врски со еден од најпопуларните спортисти во светот. Потенцијалната продажба доаѓа во период кога Саудиска Арабија настојува да привлече поголем број приватни инвеститори во своите фудбалски клубови, по годините на големи вложувања во доведување светски ѕвезди.