Вардар оди директно во ЛШ, Металург и Еурофарм ќе се борат со Кил, Пик Сегед, Нант...

ЕХФ ги објави сите екипи кои го запазиле рокот до 12 јуни и се пријавиле за учество во ракометната Лигата на шампионите во сезоната 2019/2020. Покрај Вардар, кој има сигурно место, Македонија има уште два тима кои конкурираат, Еурофарм работник и Металург. Сепак нивната конкуренција е густа.

Вкупно 35 екипи се пријавија за место во Лигата на шампионите за следната сезона, но ќе има шанса само за 28 од нив, со оглед дека ќе се игра по стариот систем (8+8 екипи во А и Б групите и 6+6 во Ц и Д). Меѓу 35-те апликанти 21 се шампиони на своите земји, кои според ранкигот на ЕХФ имаат право на една екипа во ЛШ.

Останатите 14 екипи се апликанти кои имаат амбиција за ЛШ и покрај тоа што биле понископласирани од првакот на својата земја, како Металург и Еурофарм работник. Во ова друштво се гиганти како Кил, Магдебург, Пик Сегед, Монпелје, Нант, а исклучок е само Хендбол Еш од Луксембург, земја на која не и следува место во ЛШ, според ранкингот на ЕХФ.

Според досегашното искуство, оние 21 шампион на националните првенства, меѓу кои е и Вардар, ќе се пласираат директно во групите, некои А и Б, некои Ц и Д, а од останатите 14 седум ќе добијат т.н. „вајлд-карта“ врз основа на познати критериуми: сала, ТВ-преноси, пласман во домашната лига, гледачи, настап во поранешните клупски конкуренции на ЕХФ, потенцијал на спонзорите, остварување на обврските и почитување на правилата и медиуми

Искуството од минатите сезони вели дека Франција и Германија ќе имаат заедно 5 или 6 екипи, Пик Сегед гарантирано ќе игра како и вторите екипи од Данска, Шпанија и од Полска (Гога, Бидасоа, Висла). Оттука, ќе биде прашање дали воопшто една екипа од Металург и Еурофарм работник ќе добие „вајлд-карта“, со оглед дека конкуренција им се ГОГ (Данска), Бидасоа Ирун (Шпанија), Монпелје, Нант, Шамбери (Франција), Кил, Магдебург (Германија), Пик Сегед (Унгарија), Хендбол Еш (Луксембург), Арендал (Норвешка), Висла Плоцк (Полска), Спортинг (Португалија), Кристијанштад (Шведска).

Извршниот комитет на ЕХФ ќе ја соопшти конечната листа на учесници на 21 јуни, а со тоа и кои екипи ќе бидат во групите А, Б, а кои во Ц, Д. Ждрепката за групите во ЛШ за следната сезона ќе биде на 27 јуни, а ако воопшто има квалификациски турнир, ждрепката за него ќе се влече на 26 јуни.

 

 

РЕГИСТРИРАНИ НАЦИОНАЛНИ ШАМПИОНИ, КОИ ИМААТ ЕДНО МЕСТО ВО ЛШ

Вардар (Македонија)

Мешков Брест (Белорусија)

ППД Загреб (Хрватска)

Алборг (Данска)

Барселона (Шпанија)

Кокс (Финска)

ПСЖ (Франција)

Фленсбург (Германија)

Веспрем (Унгарија)

Селфос (Исланд)

Елверум (Норвешка)

Кјелце (Полска)

Порто (Португалија)

Динамо  Букурешт (Романија)

Целје (Словенија)

Кадетен Шафхаузен (Швајцарија)

Татран Прешов (Словачка)

Савехов (Шведска)

Бешикташ (Турција)

Мотор Запорожје (Украина)