Судбината бира: Кој француски ривал ќе го предизвика Вардар во Келн?

Втора година едноподруго ракометарите, навивачите и сите на кои при срце им е Вардар имаат привилегија да го почувствуваат адреналинот на ждрепката за Ф4-турнир во Лигата на шампионите како директни засегнати. Актуелниот европски првак очекува кој противник ќе му го додели судбината во полуфиналето во Келн, на 26 мај, а ждрепката е денеска, во 12 часот.

Опциите се јасни: противникот ќе биде француски и познат! ПСЖ на хартија е најтешката опција, Нант и Монпелје се незгодни секој на сопствен начин. Со тимот на Кире Лазаров, Вардар двапати сезонава се мачеше, а еднаш и загуби, додека против Монпелје спомените се најдалечни, иако од сезоната 2015/16, кога беа во иста група, па досега, тимот држи континуитет со слично јадро на играчи.

И Нант и Монпелје се дебитанти на Ф4-турнирот, Монпелје е првата екипа која успеала да стигне овде преку Ц и Д групите (играше со Металург), додека Нант е дебитант воопшто во Лигата на шампионите и успеа да дотурка дотука. Судејќи по рангирањето во ЛШ, Нант треба да е поквалитетен од Монпелје, меѓутоа на табелата во француското првенство не е баш така. Монпелје е лидер, дури и пред ПСЖ, a Нант е трет.

ПСЖ важи за прв фаворит, а за Раул Гонзалес ќе има посебно значење затоа што тој клуб е неговиот следен работодавец. Згора на тоа, „светците“ се составот преку кој Вардар стигна до пехарот, совладувајќи го во ланското финале, така што тоа соочување ќе биде посебно, без разлика во која фаза од Ф4-турнирот. 

Раул и Тимур Дибиров веќе се изјаснија по натпреварот со Кил, во неделата, дека немаат желба и дека кој било да се падне ќе мора да одиграат максимално. Сепак, за да се одбрани титулата, потребни се две победи, вака или онака.

На ждрепката во Келн нема правила и сите четири екипи се ставени во еден сад, со можност секој да игра со секого. Прво ќе биде влечен тимот кој ќе фигурира како домаќин на едниот натпревар, означен со број 1, потоа тимот со број 3, кој ќе фигурира како домаќин на вториот меч, а потоа нивните противници, „двојката“ ќе биде ривал на „единицата“, „четворката“ на „тројката“. Ждрепката може да се следи и директно, на овој линк.