Раул: Ова е победа која треба бргу да ја заборавиме!

Како вистински творец на големата победа на Вардар против Барселона (27-24), Раул Гонзалес остана скромен и приземен по натпреварот.

Тренерот на црвено-црните не криеше дека му е задоволство што победи еден од најголемите ривали во Европа, но истовремено побара да не завладее еуфорија и оваа победа да се заборави што побргу, бидејќи Вардар колку и да е прв во моментов, разликата на табелата е мала.

„Ова е голем успех за Вардар, бидејќи Барселона е голема екипа и секогаш има еден од најдобрите тимови на светот. Што се однесува до мечот, на почетокот не се чувствувавме добро и затоа натпреварот почна со 2-3 разлика за нив, но потоа нашата одбрана функционираше супер, проработе Арпад Штербик и малку по малку станувавме подобри. Во второто полувреме немавме проблеми нашиот напад, држевме 5-6 разлика. Знам дека сега изгледа дека сме најдобрите, но треба да го заборавиме ова, имаме само два бода повеќе од нив, треба да се бориме секогаш. Горд сум на моите играчи денеска дадоа се од себе, како и секогаш. Сега се концентрираме на нашиот следен меч, во вторник против Загреб во СЕХА“, рече шпанскиот тренер на Вардар.

Не беше многу опсежен Вуко Борозан, но тоа што го кажа беше од срце.

„Сакам само да ѝ се заблагодарам на публиката, која е наш осми играч и посебна благодарност до нашите играчи, бидејќи без нив не би можел ништо, никој. Сите сме како еден“, рече Црногорецот, кој со шест гола беше најефикасен на мечот.