„Рајн-Некар е прв фаворит за титулата, но ќе одиграме максимум, па што биде - биде!“

Еурофарм Пелистер денеска ќе излезе на најтешкото гостување во сезоната во Европската лига, на теренот на Рајн-Некар левен. Според Томислав Кушан, тоа е најсилната екипа во целото натпреварување и затоа не се очекува некое чудо од битолчани вечерва од 20.45.

Еурофарм Пелистер досега одигра два меча, од нив освои еден бод, а има гол-разлика од само минус еден. И во двата случаја имаше падови во играта и дефокусирање, кои, засега, се припишуваат на карантинот и отсуството на натпревари цели осум месеци.

„Мислам дека на двата натпревара игравме добро. На првиот немавме среќа и загубивме на едно доста тешко гостување, второто најтешко во групата, а против Кадетен исто така бевме добри, посебно во првиот дел, но немавме сили да го извлечеме целиот натпревар. Тој карантин, кој сите го прележавме, скапо нè  чинеше“, вели хрватскиот пивот.

Свесен е дека против првиот фаворит за освојување на Европската лига не е реално да очекуваат некое чудо, но никој не смее да им ги одземе надежите за рамноправен натпревар. Најмногу ќе треба да внимаваат на Анди Шмид, неговите комбинации со пивотот и на брзата конра.

„Натпреварот против Рајн-Некар левен сигурно е најтешко гостување во групата. Се работи за најквалитетна екипа во натпреварувањето, но ќе играме на победа и ќе дадеме максимум, па што сака нека биде. Најголем квалитет е нивната полуконтра и контра, играат брз ракомет. Често комбинираат со пивотменот, нивниот среден бек е еден од најдобрите во светот, Енди Шмит. Тоа се нивните најсилни страни, кои ќе се обидеме да ги затвориме“, додаде Кушан.

Рајн-Некар досега одигра само еден дуел во Европската лига и победи со 37-32, како гостин, на истиот терен во Гудме, каде што Е. Пелистер загуби со 29-30.