Пелистер во Данска сака прекин на црната серија – клучот бил во одбраната на „7 на 6“!

Ракометарите на Пелистер ги очекува тешко гостување кај ГОГ Гудме во меч од Лигата на шампионите, дуел во кој битолчани ќе бркаат прекин на црната серија од четири порази и ќе се обидат да дојдат до третопт триумф во елитното европско натпреварување.

Во пресрет на натпреварот со данскиот вицешампион, тренерот Стевче Алушовски ги сподели своите очекувања и јасно посочи каде ја гледа шансата за позитивен резултат.

„ГОГ е сериозен тим, кој нѐ совлада во Битола. Тоа, сепак, не значи дека истото ќе се повтори и во реваншот“, истакна Алушовски.

Според него, најголема опасност од данскиот состав е играта „седум на шест“, која беше клучна и на првиот меѓусебен дуел.

„Нивниот најголем адут е играта '7 на 6' и добрата соработка со двата пивота. Токму таму ќе биде главниот предизвик и на тоа ставаме најголем акцент во подготовките“, нагласи стратегот на пелистерци.

Алушовски најави и одредени корекции во нападот, но потенцира дека натпреварот не може да се добие без цврста одбрана.

„Не ја гледаме шансата преку нападот, туку преку одбраната. Таа секогаш ни е основа. Ако успееме да ја сопреме нивната игра без голман, тогаш имаме реални шанси да се вратиме со позитивен резултат“, додаде тој.

Пелистер по 11 кола има четири бода, додека ГОГ Гудме со осум бода се наоѓа едно место погоре на табелата во групата Б.