НОВ ШОК: ФФМ објави дописи од УЕФА – сомнежи за еден куп наместени дуели во Македонија (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска изнесе шокантна информација дека во тек е постапка поврзана со сомнежи за нерегуларности на неколку натпревари од домашните првенства и пријателски средби, по информациите што беа објавени во дел од медиумите за можна истрага за наместени натпревари.

Од Куќата на фудбалот соопштија дека, во насока на целосна транспарентност и објективно информирање на јавноста, ги објавуваат дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА, кои се однесуваат на натпревари кај кои се евидентирани нерегуларности поврзани со уплати во обложувалници.

„Станува збор за неколку натпревари од домашното првенство, како и контролни и пријателски натпревари, за кои се забележани сомнителни обложувачки активности“, информираат од Федерацијата.

Од ФФМ нагласуваат дека дел од информациите во објавените документи се соодветно заштитени, исклучиво во интерес на истрагата и во согласност со насоките на надлежните органи, бидејќи нивното целосно објавување во оваа фаза би можело да ги наруши тековните постапки. Федерацијата посочува дека тесно соработува со Одделот за интегритет на УЕФА и со надлежните државни институции, со цел целосно расчистување на сите наводи и сомнежи, притоа потенцирајќи дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува во рамки на своите надлежности и во координација со институциите кои имаат законска основа за понатамошно дејствување.

Во соопштението се наведува дека постојат индиции и за уште неколку натпревари, меѓу кои и средбата ФК Башкими – ФК Вардар Неготино од Втората МФЛ (24 март 2025), но поради чувствителноста на процесот, дополнителни информации ќе бидат објавени кога предметите ќе влезат во понапредна фаза. Во однос на натпреварот ФК Кожуф – ФК Башкими, од ФФМ информираат дека случајот е во судска постапка и дека, од тие причини, не можат да споделуваат дополнителни детали.

„ФФМ останува целосно посветена на заштита на интегритетот на натпреварувањето и ќе продолжи со активна соработка со сите релевантни чинители во борбата против сите форми на нерегуларности во фудбалот“, се наведува во соопштението.

Според објавените документи, најчесто споменуван клуб за местење натпревари е Башкими од Куманово и тоа за средби против Шкендија и Струга, а во негативна конотација се споменуваат и Охрид и Тетекс. Целосното соопштение на ФФМ прочитајте го ТУКА.